• +00 (389) 510 120
  • info@tkprilep.com.mk

цигари погон

Традицијата на производство на цигари во Прилеп датира од почетокот на дваесеттиот век. Но, современото, индустриско производство на цигари отпочнува веднаш по Втората светска војна. Во 1955 г. е изграден посебен објект за производство на цигари со опрема за квалитетно одвивање на сите фази на тоа производство.

Во шеесеттите години е изградена сегашната, нова фабрика со врвни светски техничко-технолошки решенија. Но следејќи ги најновите светските достигнувања во техниката и технологијата на производство на цигари, стручните тимови на Комбинатот во наредните децении извршија понатамошна модернизација на Фабриката. Така, таа денес има можност за годишно производство од 8 милијарди цигари. Располага со современа подготовка на тутунот, со високопродуктивни машини за модерна изработка на цигари и со можности за современ дизајн на различните видови пакувања.

За импресивниот развој на оваа дејност на Тутунски Комбинат АД Прилеп, секако, најзаслужни се нашите креатори на голем број марки на цигари, коишто исклучително добро ги познаваат и ги следат вкусовите на пушачите. Затоа многу марки на цигари на Комбинатот станаа толку популарни меѓу пушачите, што навистина остануваат како некое своевидно обележје не само во рамките на Република Македонија, туку и многу пошироко.

Таквото високо ниво на техниката и технологијата во нашата фабрика за цигари и искусните стручни тимови, овозможија и воспоставување на лиценцна и други видови на соработка со многу светски реномирани тутунски компании, меѓу коишто за посебно одбележување е соработката со најголемиот светски производител на цигари PHILIP MORRIS.

Целокупното производство во фабриката е контролирано на неколку нивоа. Покрај секојдневната контрола во погонските и специјализираните сопствени лаборатории со високо софистицирана опрема и инструменти за комплетни анализи на хемиските и физичките параметри на суровините, репроматеријалите и посебно на готовите цигари, квалитетот на нашите цигари го следат и го потврдуваат и две светски реномирани научно-истражувачки институции: Институтот за тутун во Прилеп и Институтот за квалитет на цигарите на PHILIP MORRIS за Европа, во Нојшател-Швајцарија.

 Она на што денес посебно се обрнува внимание во креирањето на новите и одржувањето на постојните марки на цигари, е секако грижата за здравјето на пушачите. Тоа е највисок приоритет од којшто се поаѓа во производството на нашите цигари – почнувајќи од најсоодветниот избор на тутунска суровина со најмалку штетни состојци, преку најсовремени репроматеријали од врвни светски производители, до имплементирање на сите светски стандарди што се од значење за намалување на штетноста на пушењето, посебно во поглед на содржината на катранот и никотинот.

 Со создадените конфорни микроклиматски и други услови во погоните на Фабриката и во нејзината околина и со грижата за нејзината заштита и уредување, се манифестираат и високите еколошки стандарди на работењето во овој наш индустриски објект.