ШТРАЈКОТ НА ТУТУНСКИТЕ РАБОТНИЦИ ВО ПРИЛЕПСКИОТ МОНОПОЛ (1938)
Во извозот на стоки во Стара Југославија застапен бил и тутунот, при што државата имала целосна монополска положба на тутунопроизводството, откупот и извозот на тутун. Тутунопроизводителите иако создавале големи приходи за државата, таа не водела никаква сметка за нив ниту за нивното обезбедување со средства за работа, социјално и здравствено осигурување и друго. Бидејќи тутунопроизводителите биле многу експлоатирани преку ниските откупни и одредени цени од државата, се организирале за борба против ваквата политика. При откупот на тутунот, тутунопроизводителите немале никакви права на приговор околу цените. Тие се бореле против ваквата монополска државна политика на цени и ги барале своите права. За успешна и заедничка борба. тие во 1936 година формирале тутунско здружение, со задача да ги штити интересите на тутунопроизводителите, особено при откупот на тутунот. За да се изборат за повисоки откупни цени, тутунопроизводителите организирано се откажале да го предаваат тутунот на Монополот, непосредно пред војната. Тие успеале да изберат свои повереници кои ќе ги штитат нивните интереси при откупот. Освен тоа платите на работниците во Монополот секогаш биле најниски во споредба со заработувачката на другите работници во градот. Затоа по одлука на синдикалното раководство на 4—април 1938 година монополските работници објавиле штрајк. Штрајкачкиот одбор, предводен од мајсторот Борко Велев Левата (подоцна командант на партизанскиот одред „Димитар Влахов“) пред управата на Монополот ги изнесол следниве барања: зголемување на надниците за 20%, укинување на режимот на казните и подобрување на условите за работа.
Државномонополската политика како средство и израз на големосрпскиот режим и класната буржоаска политика се служеле со сите средства да го совладаат отпорот на монополските работници и тутунопроизводителите и да ја обезбедат економската експлоатација.
Во демонстрациите посебна храброст покажале работничките, кои со своето држење ги храбреле своите другари и ги посрамотиле оние што се колебале. Третиот ден на штрајкот одборот за собирање помош им поделил по 100 динари на сите бедни работници — штрајкувачи. Со тоа се подигнал моралот кај штрајкувачите и тие виделе дека не се сами и дека со нив се солидарни другите работни организации во УРССЈ — овите синдикати како и останатите слоеви на граѓаните (трговци, занаетчии, тутунопроизводителите и др.), кои не само морално туку и материјално ги помагале.
Во обидите на полицијата да ги спречи штрајкувачите да демонстрираат, низ градот доаѓа до судири во кои биле повредени тројца работници и еден жандарм, а 50 работници биле затворени. Штрајкот траел 7 дена, а управата на Монополот, гледајќи дека ако продолжи штрајкот, ќе претрпи големи штети, ги прифатила барањата на штрајкувачкиот одбор, и со тоа штрајкот завршил, а работниците се вратиле на работа. По завршувањето на штрајкот, синдикалната подружница на монополските работници била подмладена со повеќе членови. Во раководството на подружницата се наоѓале само членови на КПЈ, бидејќи летото 1938 година во Монополот е формирана партиска, а малку подоцна и организација на СКОЈ.