Посебно би требало да се одбележи разбирањето на работните луѓе од тутунските работни организации за потребата во Прилеп да се изгради модерна фабрика за цигари што ќе го презентира Прилеп на домашниот и надворешниот пазар, не само преку продадените тутуни, туку и со финални производи — цигари.
Во почетокот и со активирањето на новата шкодина машина, пакувањето на тутунот било тврдо (шибер шахт) и рачно. Во 1956 г., набавена е уште една шкодина машина — овој пат Ц-7 и машина за меко пакување од Западна Германија од фирмата „Хауни“. Така што во 1956 година во Прилеп веќе е комплетирана фабриката за цигари со се поголем продор на домашниот пазар. Во почетокот, реализацијата се вршела претежно преку трговски патници, а потоа е формирано претставништво во Белград и стовариште во Загреб и се стапи во контакт со широката трговска мрежа во Југославија.
Потоа во 1958 година набавени се нови машини за изработка и автоматско целофанирање од Западна Германија и полуавтоматско пакување од Сараево, со што е започната нова фаза во натамошното проширување и модернизирање на фабрикацијата на цигари, што од година во година станува се поголемо и поголемо.
Спрема регистрираните податоци за оствареното количество на производство на цигари во Фабриката за цигари во ТКП во 1955 година, се отпочнало со производство од само 31 тон цигари.