До позначајно производство и обработка на тутун за пушење дошло кон крајот на XIX век, кога добар дел од македонското население помасовно ја прифатило навиката да пуши од турското население. Во овој период е отпочнато со производство за пазар, така што веќе во 1875 година е регистриран податок за продажба на тутун на Прилепскиот панаѓур, во кој добар дел и за директна консумација во вид на дробен тутун.
Многу покасно, односно почнувајќи од 1916 година во Прилеп е отпочнато со поорганизирана преработка на тутунот за консумирање.
Со окупацијата на Македонија во Првата светска војна, во Прилеп бил заведен слободен бандеролен режим на тутунот, карактеристичен по тоа што државата го имала правото на оданочу- вање на тутунските фабриканти со бандеролна такса.
Во периодот од 1916—1919 година во Прилеп имало неколку работилници за тутун, наречени „фабрики". Овие „фабрики" откупувале тутун од тутунопроизводителите, го преработувале во готови производи за пушење, а најповеќе во дробен тутун за лула и за рачно правење на цигари, пакувани во пакетчиња. Тие биле сопственост на имотни семејства, од кои се познати: Алексо Лепавца и компанија, Рампо Славев Топало, Милан Ќовкарот, Јордан Аче, Пушмарковци, Рибаровци, Плашевци, Осман Мединче, Лазар Зојчески, Милан Црвенко и други.
Во овој период, меѓу другите биле познати работилниците „фабриките": „Маркови кули“, „Балкан“, „Цепелин", „Златен лав“ и други, што биле сместени во центарот на прилепската чаршија околу и непосредно до градската Саат кула.